По мајката на починатиот млад пејач Арон Картер, и блиски пријатели на пејачот истакнаа дека веруваат оти неговата смрт треба да се истражи како можно убиство, објави „Пејџ 6“ (Page Six).
- Тој секогаш би бил параноичен кога луѓето го прогонуваат или некој трча по него! Не би сакал да покажувам со прст, но некои работи не се поклопуваат, изјави Брајан Кесиди, близок пријател на Картер последните три години од неговиот живот.
И Морган Метјуз, поранешен менаџер на пејачот, тврди дека Картер често бил „со погрешни луѓе“ и честопати пројавувал „параноја“. Тој тврди и дека Картер велел дека луѓе го следат и дека треба да излезе од градот. Додаде и дека затоа неговата куќа била на продажба.
Џејн Шнек, мајката на Картер, во објава на Фејсбук, проследена со слики од местото на смртта, на 1 март напиша дека „сѐ уште се обидува да добие соодветна истрага“ за смртта на нејзиниот син. Таа вели дека истражителот „веќе го запишал“ случајот како „случајно предозирање“ и не допуштаат друга можност, поради борбите на Картер со зависностите во минатото.
„Погледнете ги фотографиите. Ништо од ова не е земено од полицијата. Но, им дозволија на луѓето да влегуваат и излегуваат, иако многу информации за потенцијално убиство можеби се тука со години. Арон имал многу смртни закани и многу кои му го загорчувале животот“, додаде Шнек.
Арон Картер беше пронајден мртов во својот дом во Калифорнија (САД), ноември 2022 година, опкружен со лименки со компримиран воздух и шишенца со апчиња на рецепт. Toj имаше 34 години. Официјалната причина за смртта допрва треба да се утврди. Иследниците досега ја отфрлат можноста за давење оти, по наводите - не е пронајдена вода во белите дробови на поранешната тинејџерска музичка ѕвезда.