Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери на денешната средба со специјалниот претставник за Западен Балкан од Министерството за надворешни работи на Романија, Адриан Давидоиу ги нагласил досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји и упатил благодарност до Романија за целокупната досегашна поддршка на нашиот пат кон евроинтеграциите.

Како што е наведено во соопштението од собраниската прес-служба, Џафери ја потенцирал нашата определба и стратешка цел како држава да ги отпочнеме преговорите со ЕУ откако ќе ги исполниме обврските согласно францускиот предлог.

-Се задржа и на нашата овогодишна меѓународна агенда како претседавачи со ОБСЕ и ПСЈИЕ, како и процесите кои ги водиме во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Го истакна значењето и важноста на договорот од Охрид меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите меѓу двете страни при што истакна дека секој взаемно прифатлив договор меѓу Белград и Приштина, за нас како држава и за целиот регион ќе биде добредојден, се наведува во соопштението.

Давидоиу истакнал дека Романија како држава членка на ЕУ и НАТО е длабоко инволвирана и заинтересирана за случувањата и процесите во регионот на Западен Балкан.

Тој исто така ја потенцирал важноста од јакнење на соработката меѓу двата парламента и во таа насока му ги пренел на Џафери поздравите од претседателите на Долниот дом и Сенатот на Романија.

-Давидоиу говореше за актуелниот предизвикувачки период во кој се наоѓа цела Европа поради војната во Украина, и упати силна поддршка и уверување дека Република Македонија е сериозен и лојален партнер на НАТО и ЕУ и земја на која можат да се потпрат, се истакнува во соопштението.

Во тој контекст, како што се додава во соопштението, Давидоиу изразил длабоко уверување дека Европската унија ќе го вреднува тоа и набрзо ќе ги започне преговорите со Македонија.

Претседателот на Собранието, Џафери се согласил со констатациите на специјалниот претставник Давидоуи и повторно изразил надеж дека конечно ќе ги започнеме преговорите со ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 14:00