Неповолната хидролошка состојба и слабите врнежи во текот на зимскиот период скоро за еден месец го пролонгираат донесувањето на годишниот план за наводнување од хидросистемот Брегалница.

Во споредба со минатата година, за претстојната сезона недостасува над една третина од потребната количина вода, поради што во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани сè уште се прават пресметки за површините со ориз и други земјоделски култури што би можеле да се наводнуваат со сегашните ресурси.

- Сезонава ќе ја почнеме со минус од 35 милиони кубни метри вода. Во моментот во браната Калиманци се акумулирани околу 76 милиони, а во истиот период лани имавме 115 милиони кубни метри вода. Таквата состојба е главна причина поради која утврдувањето на планот за наводнување за оваа година го пролонгираме до крајот на март. Очекуваме со постојниот доток да се обезбедат барем осумдесетина милиони кубни метри. Јасно е дека со таквата количина вода значително ќе се намалат површините што ќе бидат опфатени во планот и за кои ќе имаме обврска да обезбедиме наводнување до крајот на сезоната. Се прават калкулации кои полиња ќе бидат одбиени од каналската мрежа на хидросистемот, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

Намалување на површините што ќе се наводнуваат ќе има кај сите земјоделски култури, но најмногу ќе го почувствуваат оризопроизводителите. За разлика од лани, кога се наводнуваа околу 3.500 хектари со ориз, проценките се дека во кочанскиот регион сезонава ќе има над илјада хектари помалку.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 14:03