Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на водата, околу 300 ученици од основните училишта од Делчево, заедно со дечиња од детската градинка и од Дневниот центар за лица со посебни потреби денеска се вклучија во настанот „Чиста вода за Делчево- спортуваме и донираме“.

Целта на активностите, како што истакнаа од Општината, има неколку цели меѓу кои да се подигне свеста за значењето на чистата вода за пиење и да се потенцира значењето за Делчево на проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ кој финансиски е поддржан од Швајцарската Влада и од Владата на РМ, но и да се сврти вниманието кон хуманоста и да се помогне на оние на кои им е потребна помош.

Во рамките на настанот се цртаа ликовни творби на тема „Чиста вода за Делчево“, штитениците од Дневниот центар со посебни потреби изработија макета на тема „Брегалница“, а беше организирана и спонзор трка, во која натпреварувачите за секој поминат километар добија надомест (награда) која потоа ќе биде донирана на децата со посебни потреби. Како што истакна Јулијана Лапевска од Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, од Делчево се собрани околу 80.000 денари, дел се материјални награди, а дел парични средства. -Од Проектот за водоснабдување на Делчево и консултантската фирма ЕБП од Швајцарија, се собраа 2.500 швајцарски франци. Овие средства ќе бидат наменети за купување реквизити за сензорните соби во двете основни училишта и за Дневниот центар за лица со посебни потреби, рече Лапевска. Градоначалникот Горан Трајковски истакнувајќи дека водата е дефицитарен ресурс, посочи дека водејќи се од обврската да се овозможи овој ресурс до сите населби во нашата Општина, изминативе години интензивно се работи за да се обезбеди чиста вода за пиење во Делчево. -Го реализираме најголемиот проект во историјата на Делчево со поддршка на Швајцарската Влада и Владата на РСМ, за да изградиме пречистителна станица за вода за пиење во Делчево, градиме нови водоводни системи во Ѕвегор и Габрово, а очекувам нова поддршка од Владата и од Швајцарската Влада од 1, 5 милион швајцарски франци за изградба и на нов водоснабдителен систем во село Вирче и доизградба на сите објекти кои ќе овозможат Делчево да добие современ водоснабдителен систем кој ќе донесе одличен квалитет на водата со минимум загуби, рече Трајковски. Подвлече дека Општината перманентно работи на реконструкција на градската водоводна мрежа во должина од 5,7 км со што 90% од водоводниот систем во Делчево ќе биде со пвц-инсталации. Директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојче Стојковски, го потенцираше значењето на настанот. -Сакам да потенцирам дека како ЈКП работиме за да создадеме услови за здрав и квалитет живот на нашите сограѓани, а наша основна цел и наша обврска е одржливо управувањесо водните ресурси. Изразувам посебна благодарност до сите учесници на настанот, на сите правни и физички лица кои дадоа придонес за организацијата на настанот, рече Стојковски. Во настанот по повод Светскиот ден на водата се вклучија деветолетките „Св.Климент Охридски“ и ,,Ванчо Прке", деткста градинка „Весели цветови“, Општинската организација на Црвен крст-Делчево, Дневниот центар за лица со посебни потреби, а организацијата е на Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“ и Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево. На крај од настанот од Општина Делчево изразија благодарност до донаторите на настанот: Проектот за подобрување на водоснабдување на Делчево и консултантската фирма ЕБП од Швајцарија, вработените во Општина Делчево и во ЈКП „Брегалница“ како и повеќе локални фирни од градот Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 14:05