Европската инвестициска банка во земјава има финансирано проекти во износ од 1,16 милијарди евра. Тоа се проекти кои се од клучно значење за Република Македонија во јавниот сектор, но значајна е поддршката и во приватниот сектор, а таквата поддршка се очекува да продолжи и во иднина. Ова беше констатирано на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик-претседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова.

-Владата на Р. Македонија е посветена на постигнување забрзан економски раст, подобрување на инфраструктурата, заштита на животната средина, како и енергетска транзиција и производство на чиста зелена енергија. Тоа се областите во кои клучна е поддршката од нашите партнери, Европската инвестициска банка, која има пласирано 635 милиони евра евтини кредити кон малите и средни компании, за поддршка на инвестиции и обртни средства, 277 милиони евра во проекти од секторот транспорт за подобрување на безбедноста на патиштата и скратување на времето на патување, 178 милиони евра се во водоводна инфраструктура, за подобар пристап до вода за пиење и санитарни услуги на граѓаните, како и 64 милиони евра во енергетски проекти, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека ЕИБ во моментов учествува во имплементација на проекти од јавниот сектор со 230 милиони евра, во кои е вклучено и денешното потпишување на Договорот за проектот за пречистителна станица во Скопје.

Значителна и многу значајна, рече министерот, е поддршката за малите и средни претпријатија што оваа Банка ја има дадено и дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина. Се очекува, рече министерот, нова транша од 100 милиони евра од ЕИБ евтини кредити за малите и средни претпријатија, како и за зелена транзиција.

Меѓу проектите во кои ЕИБ учествува во финансиската конструкција и кои се реализираат во земјава се изградбата на интерконекторот со Грција, изградбата на железничкиот Коридор 8, делница Крива Паланка – граница со Бугарија, проект за општинска водна инфраструктура, а интерес има изразено за реализација на проектот за изградба на западниот дел од железничкиот Коридор 8 делница Кичево-граница со Албанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 14:18