На Северна Кореја повторно и се заканува глад, но Пјонгјанг не дозволува претставници на Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН) да влезат во земјата, пишува „Економист“.

Според севернокорејските медиуми, помошта од ОН е „отровна бонбона“ која ја навредува „националната чест и гордост“.

Јужнокорејската агенција за развој на земјоделството проценува дека Северна Кореја минатата година произвела само 4,5 милиони тони храна, што не е доволно за нејзините 26 милиони жители.

Светската програма за храна на ОН во 2019 година процени дека на Северна Кореја и требаат повеќе од 5,7 милиони тони храна годишно за да го прехрани своето население.

Лошите временски услови и претстојната суша веројатно ќе ја влошат и онака загрижувачката состојба.

Обединетите нации проценуваат дека меѓу 2019 и 2021 година, 42 отсто од граѓаните на Северна Кореја биле неухранети.

Големата глад во Северна Кореја однесе животи на најмалку 200.000 луѓе во 1990-те, а според некои проценки, вистинската бројка на жртви била три милиони, информира „Економист“.

Аналитичарот на Институтот Петерсон за меѓународна економија, Лукас Ренгифо-Келер тврди дека Пјонгјанг „сигурно сè уште не е во таква ситуација“ слична на 1990-тите, но оти за краток временски период „ќе биде на тоа ниво“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 15:52