Средба со надлежните од Министерството за финансии и денеска побараа вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, на третиот ден од протестот што го одржаа пред Владата. Тие уште еднаш го искажаа незадоволството од своите месечни примања.

Од протестот беше испратен апел министерот за финансии да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти.

- Три дена молк, во кои ги добивме и најновите информации од Собранието, кои говорат дека на вработените во оваа институција, со измени и дополнувања на Законот за Собранието на Северна Македонија, од 23 март оваа година, објавен во Службен весник на РСМ бр 65/2023 година, им се зголемува платата, односно се зголемуваат бодовите по звања и вредноста на самиот бод кој се врзува со минималната плата. Очигледно е дека постои нерамноправност меѓу вработените во јавниот сектор. Едни се во привилегирана состојба, а останатите треба да молчат и да се помират со фактот дека своите работни обврски и задолженија треба квалитетно и навремено да ги извршуваат за плата од 25 илјади денари, изјави денеска претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, напоменувајќи дека нема да се откажат од протестот се до исполнувањето на барањата.

На денешниот протест учестуваа и претставници на Синдикатот на културни работници (СКРМ), кои изразија поддршка, а како што најави Костовски, наскоро очекуваат да им се придружат и нивни колеги од другите министерства.

- Ако во финансии велат дека потпишувањето на Колективен договор со нашите институции не е во корелација со процеост на фискална консолидација за наредниот срендорочен период, како се оправдува зголемувањето на платите на вработените во ова Министерство? Бараме од Владата и од премиерот да не дозволат ваква поделба на дел од вработените во јавниот сектор. Го бараме само она што ни следува, достоинствена плата за работата и одговорностите што ги имаме. Ова наше незадоволство кое секој ден се изразува преку присуството на вработените, јасно говори дека ние самите сме ги надминале сите предрасуди и поделби и дека сме обединети во нашите заложби за зголемување на платите во секторот култура, додаде Костовски.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Бојан Трипуновски на протестот укажа дека со укинувањето на членот 4 од Законот за плати и други надоместоци за избраните и именуваните лица, платите на функционерите ќе се зголемат согласно коефициентот на сложеност на работното место, кој ќе се множи со просечната плата исплатена на државно ниво.

Со оваа измена, како што рече, платите на функционерите ќе се зголемат и двојно, а административните службеници треба да бидат задоволни со усогласување на платите со порастот на минималната плата.

- Надлежните не најдоа за сходно оваа група на вработени да ги удостојат со прием и да ги слушнат нивните барања. Затоа, сакам да го прашам министерот за финансии Фатмир Бесими, дали оваа група на вработени работи помалку сложени работи од вработените во Министерството за финансии? Министерот за финансии се јавува како главен кочничар, кој не ги одобрува колективните договори, односно не дозволува за одредена група на вработени да се покачат платите како што се покачени во ова Министерство, рече Трипуновски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 13:52