Раководството на Фудбалската федерација на Исланд (КСИ) му врачи отказ на селекторот Арнар Видарсон само неколку денови по убедливиот триумф од 7-0 над Лихтенштајн во евроквалификациите, но за 45-годишниот стратег тоа беше само шеста победа на исландската клупа на 31 натпревар.

„Ова, секако, е тешка одлука, но ја сметаме за потребна и исправна“, соопшти синоќа КСИ.

„Арнар направи многу добри работи и заслужува пофалба за својот ангажман. Меѓутоа, сега почнуваме потрага по негов наследник за да започнеме подготовки за следните натпревари на екипата кои ќе се одржат ова лето“, изјави претседателката на КСИ, Ванда Сигургеирсдотир.

Видарсон го предводеше Исланд од 2020 година, а претходно беше тренер на исландската репрезентација до 21 година и на белгиските клубови Локерен и Серкл Бриж.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2023 02:11