Овогодишниот, 57. Џез-фестивал во швајцарскиот град Монтре ќе претставува спој од жанрови и генерации, најавија организаторите.

Фестивалот има традиција на незаборавни настапи, како на пример концертот на Нина Симон во 1976 година или на Мајлс Дејвис во 1991 година. Од 30 јуни до 15 јули, легендарни уметници како Боб Дилан, Лајонел Ричи и Иги Поп, но и иконите на новата генерација како Лил Нас Икс, Гејл и Сем Смит ќе имаат свој настап.

Дилан на фестивалот ќе го промовира својот последен албум „Rough and Rowdy Ways“ од 2020 година. Уметникот побарал концертната сала да има седишта за да се одрази атмосферата на неговата турнеја.

Пејачот Крис Ајзак со својата позната песна „Wicked Game“, хит неодамна обработен од „РЕМ“, по 30 години ќе пее на Фестивалот.

На фестивалот ќе настапат и Лајонел Ричи, Сил, како и групата „Симпли ред“, кои музички ги вкрстуваат соул и поп-стилот.

Од претставниците на новата генерација, британската ѕвезда Сем Смит првпат ќе настапи во Монтре.

На фестивалот во минатото настапувале светски музички легенди, како што се Принс, Дејвид Боуви, Карлос Сантана, Би-Би Кинг, Френк Запа, Леонард Коен, Ела Фицџералд, Арета Френклин и Питер Тош.

Организаторите претходно oбјавија дека оваа музичка манифестација има „свој дух, филозофија и корени во џезот“, но поканети се оние кои се занимаваат и со други жанрови музика. Фестивалот е отворен за музички иновации и импровизации, поради што некои добро познати песни ќе бидат изведени поинаку, со примеси на џез, соул или блуз. Фестивалот во Монтре е вториот по големина меѓународен џез-собир, по оној во Монтреал.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2023 10:16