Португалската агенција за заштита на животната средина (АПА) денеска одобри, под одредени услови, отворање на првиот рудник за литиум во земјата која има најголеми резерви на овој метал важен за производство на батерии и енергетска транзиција во Европа.

Проектот на британската компанија Savannah Resources предвидува вадење литиум во близина на Ботикас, во рурална област на североистокот на Португалија.

Таа доби изјава за поволно влијание врз животната средина, со неколку услови, се вели во соопштението на АПА.

Проектот за рудникот Баросо беше значително изменет во однос на првичниот предлог за да се спасат еколошките аспекти кои се однесуваат на водните текови и биодиверзитетот или управувањето со отпадот.

Компанијата ја поздрави одлуката и во соопштението истакна дека ова е првпат АПА да даде поволна оценка на влијанието врз животната средина за рудник за литиум во Португалија.

„Помината е важна етапа за нешто што може да стане најголем рудник за литиум во Западна Европа. Оваа важна одлука сега овозможува премин во следната фаза во постапката за добивање еколошка дозвола“, велат од компанијата.

Португалија веќе е главен европски производител на литиум, но засега тоа производство е исклучиво за керамика и стакло.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2023 14:18