Претставничката на бугарското малцинство во владиниот комитет за малцинства во Албанија, Милена Селими, престојувала во областа Голо Брдо, населена со Македонци, која во објавата на Фејсбук наведува дека се сретнала со претставници на бугарското малцинство.

-Во Големо Острени, областа Голо Брдо, со жителите на бугарското национално малцинство, кои го наследуваат јазикот, традициите и идентитетот од колено на колено. Емоционална средба со Егла и Дениса кои ви посакуваат добредојде на јазикот на предците. Се сретнавме со претставници на бугарското национално малцинство и разговаравме за нови активности за поддршка на заедницата. Сè поголемата соработка меѓу нашите две земји, Бугарија и Албанија, е сигурна гаранција за образовниот, економскиот и културниот развој на жителите на овие простори, наведува Селими.

Додава дека заедно со неа биле директорката на Агенцијата за Бугарите во странство, Рајна Манхукова, амбасадорот на Република Бугарија во Албанија, Ивајло Киров, потоа Гезим Курти претседател на „Здружението на Бугарите во Албанија“, администраторот на областа Острени, Луан Мјештри, како и претставници на Советот на општина Булќиза.

Освен на нејзиниот профил на Фејсбук, објавата ја има и на сајтот на Комитетот, како и на бугарската амбасада во Тирана.

Областа Голо Брдо е еден од најсиромашните и најнеразвиени региони во Албанија, опфаќа 22 населени места, од нив 18 населени со Македонци, додека четири со мешано население, Македонци и Албанци.

Во ниту еден од досега спроведените пописи во Албанија од 1923 до последниот во 2011 година, ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин. Поради лошата еономска состојба со цел да заминат во некоја западноевропска земја за обезбедување егзистренција, според претставнците на македонските душтва, бугарски пасош земале мал број жители од областа, главно млади.

Деновиве претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, предупреди на „нов бугарски поход за асимилација на Македонците во Мала Преспа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2023 04:43