Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, како и зголемувањето на цените и инфлацијата, се првите три најголеми проблеми со кои се соочуваат граѓаните во земјава, според денеска објавените резултати од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“.

На прашањето кој е првиот најважен проблем со кој се соочува земјара, 27,2 проценти рекле дека тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите, за 22,9 проценти тоа се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.

Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)...

Човековите права и слободи, енергетската криза, образованието, безбедноста и стабилноста, меѓуетничките односи, и загадувањето, пак, се причина за загриженост на помалку од еден процент од испитаниците.

Според 58,2 процента од испитаниците што биле прашани кои се најважните проблеми, одговорот е животниот стандард, ниските плати и пензии, по што следуваат криминалот и корупцијата (48,8 проценти), зголемувањето на цените и инфлацијата (48 проценти), иселувањето (25,3 проценти), невработеноста (23,5 проценти)...



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2023 04:44