Истражната комисија при Советот за човекови права на ОН денеска го обвини Израел за „делегитимирање и замолчување на граѓанското општество“ со тоа што ги забрани палестинските организации за човекови права и ги означува нивните членови како „терористи“.

Во годишниот извештај на таа тричлена комисија, формирана во 2021 година, исламското екстремистичко движење Хамас, кое владее во Појасот Газа, и палестинската управа на Западниот Брег се обвинети за кршење на човековите права.

Израел, сепак, како што се наведува, најмногу ги прекршил човековите права како дел од кампањата за консолидирање на окупацијата на палестинските територии.

Поранешната шефица на Советот за човекови права Нави Пилај, која сега ја предводи комисијата, ги обвини израелските и палестинските власти за ограничување на слободата на изразување и мирно здружување.

Таа е особено вознемирена што палестинските борци за човекови права рутински се казнуваат.

Во 2020 и 2021 година, Израел означи седум палестински организации за човекови права за терористички, со што станаа незаконски, а подоцна затвори некои од нивните канцеларии.

Израелските власти тврдат дека организациите се поврзани со секуларниот Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), кој покрај политичкото крило има и воено крило одговорно за смртоносни напади врз Израелците.

Организациите за човекови права негираат врски со ПФЛП, а многу европски земји, исто така, ги отфрлија тврдењата на Израел, наведувајќи дека за такво нешто нема докази.

Израел и неговите западни сојузници ја сметаат ПФЛП за терористичка организација.

Во денешниот извештај на комисијата, формирана по 11-дневната војна меѓу Хамас и Израел пред две години, се оценува дека репресијата на Израел врз палестинските организации за човекови права е „неправедна и ги крши основните човекови права, вклучително и слободата на здружување, изразување, мислење, приватност и право на правично судење“.

Во соопштението на својата мисија во ОН во Женева, Израел ги отфрли наодите на комисијата и оцени дека таа нема легитимитет и ги обвини нејзините членови за „пристрасни предрасуди“.

Во соопштението се нагласува дека Израел има независно граѓанско општество и илјадници невладини организации, бранители на човекови права, национални и меѓународни медиуми кои работат слободно



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2023 03:54