Припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО), денеска во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец со воена свеченост го одбележаа 10 јуни - Денот на единицата.

На свеченоста присуствуваа заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага, заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во МО, Владимир Анчев, началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата и други високи гости, соопшти МО.

По тој повод пред присутните се обратија началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски.

Началникот на штаб на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, честитајќи им го Денот на единицата истакна дека припадниците на воздухопловниот ВИНГ секогаш се препознаени како врвни професионалци, максимално обучени и подготвени, не само за извршување на борбени задачи, туку и за брза реакција при гаснење на пожар и други хуманитарни мисии во сложени временски услови, при што нагласи никогаш да не бидат заборавени единаесетте воздухопловци и припадници на ВИНГ-от, кои при вршење на задача ги загубија животите.

Генералот Ѓоргоски, во своето обраќање пред присутните, додаде дека како полноправна членка на Алијансата, водени од императивите за интероперабилност и оперативна способност, во рамки на долгорочниот план за развој на одбраната предвидени се значителни финансиски средства за модернизација и опремување на воздухопловниот ВИНГ со најсофистицирани борбени системи и опрема, со што без сомнеж ќе се зголеми и неговата борбена готовност.

Командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски, по историскиот осврт за почетоците и развојот на военото воздухопловство, изрази благодарност до сегашните и пензионираните припадници, кои изминатиот период несебично и посветено го вложија својот труд за развојот на единицата. За време на својот говор полковникот Стоименовски ја истакна важноста на предизвиците и процесите за осовременување и модернизација на единицата како приоритет од витално значење, со цел успешно да одговори на својата мисија и задачи.

Во рамки на денешната свеченост беа доделени стимулативни мерки на припадници од единицата, по што присутните имаа можност да проследат прелет на воздухоплови Ф-16 како дел од воздухопловното патролирање на НАТО, како и прелет на дел од воздухопловите со кои располага воздухопловниот ВИНГ.

Воздухопловниот ВИНГ го прославува 10 јуни, како датум кога во 1992 година се случил првиот лет на воениот екипаж од штотуку формираното македонско воено воздухопловство



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2023 16:38