Дури 36 од 54 видови ајкули и ражи во Јадранот се загрозени, предупреди денеска Светската организација за заштита на природата (WWF) по повод Светскиот ден за подигање на свеста за ајкулите.

Загрижувачки е и тоа што популацијата на ајкули и ражи континуирано се намалува, додека три видови се сметаат за изумрени.

Некои критично загрозени видови, како Pteromylaeus bovinus, сè уште се без никакви мерки за заштита или управување, а постојаното одложување на конкретни активности предизвикува постојан ризик за загрозените видови, со што се загрозува долгорочната одржливост на рибарството и здравјето на морските екосистем, предупреди WWF Адрија.

Загрижувачки е и податокот дека 58 отсто од сите видови ајкули и ражи се загрозени во Медитеранот, кој е дом на најголемиот број загрозени видови ајкули и ражи во светот. Средоземното Море и најбргу се загрева, па опасноста од исчезнување на овие морски животни дополнително се зголемува.

- Важноста на ајкулите и ражите во Средоземното Море е повеќеслојна. Некои видови ражи дејствуваат како инженери за живеалишта затоа што за време на пливањето тие креваат песок од дното со перките, со што создаваат микро-живеалишта за други помали морски организми и им помагаат да најдат храна, се вели во извештајот.

- Други видови ги пренесуваат хранливите материи од еден во друг слој на морето, а со тоа го зголемуваат богатството на животот во морето, додека некои видови директно влијаат на ублажување на последиците од климатската криза со складирање на јаглерод во нивните организми, изјави Патрик Крстиниќ од WWF Адрија.

WWF Адрија истакнува дека неодамнешните обврзувачки одлуки на Светската земјоделска организација на ОН даваат надеж за зачувување на морските екосистеми, но медитеранските земји мора да преземат водечка улога во управувањето со рибарството.

Притоа, неопходно е да се распределат соодветни ресурси за управување со рибарството, да се обезбеди постојано собирање податоци и следење на состојбата со загрозените видови и вклучување на сите засегнати страни, особено рибарите, во формирањето на новите мерки за управување.

- Само така можеме заедно да ги зачуваме важните живеалишта за ајкулите и ражите и да го обезбедиме нивниот опстанок, нагласи WWF Адрија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2023 04:54