Нови фосилни наоди на југозападна Португалија даваат поинаков поглед во далечното минато поврзано со пчелите. А, научниците од Универзитетот на Севиља, Шпанија, тврдат дека овие прастари фосилизирани инсекти може да понудат вредни информации и за борбата против климатските промени денес.

- Откривање и толкување на еколошките причини за присуството на оваа популација на пчели може да ни помогне да разбереме и да создаваме стратегии за отпорност на климатските промени, како што е споредбата на еколошката нерамнотежа предизвикана од природните параметри и како тоа влијае на денешните пчелни видови, заклучува главниот и одговорен истражувач Карлос Нето де Карваљо.

Истражувачите ги пронајдоа неверојатно добро сочуваните пчели сè уште во нивните кожурци, објави „Стади фајндс“ (Study Finds).

Најновиот научен труд објавен и во „Нејчр ворлд њуз“ посочува подробни информации за густо собраните илјадници фосилизирани гнезда во Португалија. Повеќето од овие гнезда му припаѓаат на видот „Palmiraichnus ichnogenus“. Во написот се наведува дека наоѓањето пчели во толку добро сочувана состојба е „исклучително ретко“, особено ако се земе предвид дека скелетите на овие инсекти обично брзо се распаѓаат. Ова неверојатно ниво на зачуваност му овозможи на истражувачкиот тим успешно да го одреди видот пчели, нивниот пол, па дури и нивото на полен што го оставиле нивните мајки за време на создавањето на кожурците.

Пчелите се исклучително важни за екосистемот на Земјата. Поточно, тие се клучната група инсекти што служат за опрашување, којашто опфаќа над 20.000 различни видови. Околу три четвртини од сите видови диви пчели се гнездат во почвата и поголемиот дел од својот животен циклус го минуваат под земја, што помага да се зачуваат нивните гнезда.

- Пчелите се опрашувачки инсекти и како такви се неопходни за екосистемите, бидејќи секое намалување на нивниот број директно би влијаело на биодиверзитетот... Поточно на бројните видови растенија и животни кои директно или индиректно зависат од нив, вклучувајќи ги и луѓето. Знаеме, на пр., дека пчелите тие опрашуваат 70 отсто од културите што луѓето ги консумираат и 30 отсто од она сао коешто добитокот се храни. Човечка активност, како што се интензивното земјоделство, употребата на пестициди и инсектицидите, како и климатските промени, создаваат состојба каде што по еден на секој десет видови пчели во Европа им се заканува исчезнување, нагласи Фернандо Муниз, професор од Катедрата за кристалографија, минералогија и земјоделска хемија при Универзитетот.

Но, овој наод неизбежно го поставува и прашање - кои биле можните причини и фактори во природната околина што довеле до угиннување на толку голем број пчели? И, зошто тие примероци останале во така добро сочувана состојба за 3.000 години?

Иако истражувачите сè уште не можат со сигурност да кажат што ја предизвикало смртта на пчелите, се претпоставува дека недостатокот на кислород предизвикан од поплави, како и падот на ноќната температура, можеби биле клучни фактори за тоа. Се смета и дека југозападниот брег на Португалија доживеал малку постудени периоди со повеќе врнежи во текот на неоглацијалната зима, што би создале погодни климатски услови за формирање на такви фосили.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2023 19:10