Стопанската комора ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на Законот за солидарен данок, најави вечерва претседателот на Комората Бранко Азески.
Азески во интерју за ТВ Телма рече дека ова ќе биде трет закон за две години што Стопанската комора ќе го оспори пред Уставниот Суд.
Бизнис секторот, како што вели првиот човек на Стопанската комора, направил се за да се продлабочи дијалогот меѓу нив и власта, но, во услови кога партиските интереси се поважни повикува на заедничка платформа на бизнисот со универзитетите, медиумите, синдикатите и невладините организации.
-Ги молиме и сакаме да ја продлабочиме соработката со секого кој што е на оваа линија, да допринесеме за доброто на оваа држава. Тоа можеме да го направиме ако одиме заедно на овие цели и со оваа методологија, медиумите, бизнис организациите, синдикалните организации, невладиниот сектор, универзитетите, сите треба да се обединиме под таа платформа, која што дури и да дојде до застранување на политичките елити во одреден период, ќе можат да ги тргнат за рака и да им кажат „Чекај, вратете се“. Затоа што, очигледно е дека ниту губењето на изборите ја убива нивната волја за власт, ниту критиките што ги упатуваме, ниту сериозните полнења на затворите, тие повторно си продолжуваат. Доаѓаат нови, се регрутираат сили коишто не сакаат да работат, не сакаат да се вклучат во процесите, туку најдобро им е преку партиските агенди, преку партиските активности да практично егзистираат во овој момент, рече Азески.
Претседателот на Стопанската комора, меѓу другото, рече и дека забрзано се носат закони за потребите на изборите.
- Ние сме вчудоневидени од состојбата што ја гледаме во моментот, што на едноставен и прост начин значи дека над масава сега има ситуација во која што гледаш никаква активност освен некаква лична и партиска што постои, а под масава врие. Затоа што секој трет ден добиваме некој закон од епохални размери, којшто некој го работи. На пример законот за трговски друштва во моментов. Како на сцената горе не гледаме активност, а гледаме долу закони што се во интерес на предизборието. Тоа значи машинеријата што се наоѓа внатре, усидрена, во администрацијата функционира веројатно беспрекорно и прекувремено во овој период. И туку оп, одма ќе го добиеш одговорот. Па ваква законска активност, ние не сме имале во последниве 10 години, додаде Азески.
Тој рече дека државните интереси мора да бидат поважни од партиските.
За јавниот долг кажа дека во 2008 година бил 23 отсто, а дека сега е зголеме на 56 отсто и оти тоа мора да е ставено под алармантна ситуација.
-Меѓутоа, ние не можеме и не треба да престанеме со задолжувањата, но тие мораат да бидат во продуктивна насока ставани, рече претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.