- Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска денес во Тетово беше дел од едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“ во рамки на која за учениците во две училишта се одржаа предавања за борбата против корупцијата и владеење со правото.

Таа рече дека учениците во интерактивното предавање покажале дека знаат што значи владеење на правото.

-Имајќи предвид дека децата се нашата иднина, затоа сметавме дека е неопходно да вложиме малце повеќе напор токму кај децата затоа што сликата што ја добивме не ветува многу. Најголем дел од дечињата одговорат дека се сведоци на незаслужени оценки. Причината за тоа ја бараат во тоа што родителите бркаат врски. Тоа е нивната слика, тоа е нивната перцепција. На прашањето дали пријавуваат некаква неправилност одговорите се дека најчесто не пријавуваат. Значи многу треба да се работи со деца за да се отворат за да знаат да препознаваат што е добро, што е лошо и да чекорат по вистинскиот пат.

Ова е осмо училиште по ред, дел од кампањата „Биди херој на чесноста“ со кои се опфатени 13 основни училишта низ државата.

- Кампањата е со цел да се доближиме до најмладата популација, и да им кажеме како треба, и како можат да се справат со лошите работи односно со корупцијата. Учениците да се едуцираат за важноста на интегритетот и борбата против корупцијата да научат колку е важно чесното живеење и дејствување, да ги разберат штетните ефекти од коруптивните дејанија и со нулта толеранција да пристапуваат кон лицата кои ја извршуваат, истакна Ивановска.

Оваа кампања на Државната комисија за спречување на корупција е дел од активноста за анти-корупција и интегритет која ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, а е финансирана од УСАИД.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2023 21:37