Околу 50 болничари, хигиеничари и технички персонал кои се ангажирани на договор на дело, денеска на состанокот со директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, побараа решавање на нивниот статус со вработување на неопределено работно работа, како и зголемување на надоместокот што го земаат. Директорот на Клиничка болница - Штип, Ѓеорѓијев, вели дека голем дел од овие лица во болницата работат од три до четири години.

- Се договоривме дека во делот кој зависи од мене како директор ќе сториме се. Идната година ќе склучиме договори со нив, ќе се потрудиме надоместокот кој тие го примаат како договор за дел да го зголемиме за неколку илјдаи денари и на крај заклучивме дека најважниот дел е на тие луѓе да им се реши статусот и да бидат примени конечно на неопределено време. Ние сѐ уште го чекаме одговорот за болничари и хигиеничари, сѐ уште немаме одговор. Искрено, се надевам дека се уште има време и дека ќе ни биде позитивно одговорено, вели Ѓеорѓијев.

Тој се надева дека ќе добие позитивен одговор од финансии за вработување на нов технички персонал.

- Имаме од прилика три до четири години најдолго. Ние последниот прием го направивме пред три години на болничари и хигиеничари, од тогаш наваму немаме. Значи некаде три до четири години се луѓето со најголем стаж кои работат во тој дел, рече Ѓеорѓијев.

Проблемот со техничкиот персонал во штипската болница се провлекува со години. Во моментов на неопределено работно време се вработени само пет хигиеничарки. На почетокот на годината, Ѓеорѓијев за МИА изјави дека во болницата недостасуваат над 100 лекари, медицински и технички персонал.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2023 15:33