Фудбалската репрезентација на Сан Марино очекувано ги заврши квалификациите за ЕУРО2024 со десет порази на десет натпревари, но, сепак, постигна и историски успех.

На последните три натпревари во евроквалификациите Сан Марино секогаш постигнуваше гол, што не му успеа никогаш досега во историјата. По домашниот пораз од Данска (1-2) и загубениот натпревар на гостински терен против Казахстан (1-3), уследи пресметката против Финска пред домашните гледачи и на крајот голема радост и покрај поразот.

Финска изминатата вечер водеше со 2-0 до 97 минута, кога Сан Марино на најсладок можен начин дојде до историски успех, постигнувајќи гол трет натпревар во серија.

Прецизен од белата точка беше Берарди по што уследи општо славје на играчите, стручниот штаб и навивачите на Сан Марино.

Сан Марино ги заврши евроквалификациите со гол – разлика 3:31.

Во својата историја, фудбалерите на Сан Марино одиграа 169 натпревари и само еднаш победија, во пријателски натпревар против Лихтенштајн во 2004 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2023 06:26