Четвртата сабота во ноември се одбележува Холодомор – намерниот глад во Украина предизвикан од советскиот лидер Јосиф Сталин во периодот од 1932 до 1933 година, при што починаа од три до десет милиони луѓе.

Историчарите не се согласни за бројот на жртвите бидејќи властите во СССР забрануваа спомнување на самиот збор Холодомор, што значи „да се убие со изгладнување“.

Гладот не беше ограничен само на украинскиот дел на СССР, а гладуваа и јужните региони на Русија. Но, гладот во Украина има знаците на геноцид.

Во 1929 година во СССР почнува да се спроведува програмата за колективизација, при што селаните беа принудени на различни начини да се приклучат на „колхозите“ (колективни фарми) и „совхозите“ (државните фарми). Првиот петгодишен план (петгодишен план), програма за економски цели смислена во Москва, бараше од селаните, колхозите и државните фарми да воведат нови култури, со кои селаните честопати не беа запознаени и немаа никакво искуство во одгледувањето.

Ефектите од колективизацијата беа катастрофални, времето беше лошо, а селаните даваа отпор, што често прераснувал и во вооружени бунтови, кои брзо биле задушени.

Во годините пред гладот, членовите на Комунистичката партија конфискуваа храна од селаните за да ја извезат надвор од СССР, со цел да му се покаже на светот дека комунизмот произведува вишок храна. Кражбата на храна за извоз продолжи дури и за Холодомор, иако луѓето ширум Украина и другите делови на СССР умираа од глад. Требаше да се задржи перцепцијата во странство дека социјалистичкиот СССР произведува вишок храна и не постои глад.

На селаните прво им било забрането да го напуштаат селото и да патуваат во градовите, за да ја скријат вистинската состојба од урбаното население.

На новинарите, дипломатите и другите странски функционери им беше забрането да зборуваат и пишуваат за она што се случува во Украина.

За време на Холодомор се појавија и канибализам и инфантицид. Повеќе од 2.500 луѓе беа осудени за канибализам, а колку тој беше широко распространет сведочи фактот што властите изработија постери на кои пишуваше: „Да се јаде сопственото дете е варварски чин!“

Родителите беа принудени да избираат кое дете да го жртвуваат за другите да преживеат.

Поради неисполнување на квотите Москва нареди „чистка“ на партиски членови. Уапсени се 37.797 членови на Комунистичката партија, од кои 719 биле егзекутирани, а 8.003 лица биле испратени во гулази (концентрациони логори во СССР).

Историчарите спорат дали во 1932 и 1933 година е извршен геноцид во Украина. Геноцид по дефиниција вклучува планирани масовни убиства на национална, етничка и верска основа.

За Холодомор во СССР не се зборуваше се до 80-тите години од минатиот век кога беа отворени архивите. Оваа трагедија и денес а ретко се спомнува и во учебниците по историја



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2023 16:59