Состојбата со болеста африканска чума кај свињите која неодамна беше потврдена на индивидуално одгледувалиште во делчевското село Град е стабилна, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во моментот како што се вели во информацијата оттаму нема нови жаришта.
-На последното жариште, каде беше евидентирано угинување на една единка кај која лабораториски беше потврдена болеста, спроведена е депопулација, чистење и дезинфекција, со тоа што на ова одгледувалиште еутаназирани се 21 свиња од различни категории, прецизираат од АХВ.
Заштитните и контролните мерки, како што велат, се уште се на сила во воспоставените зони од 3 км (заштитна зона) и 10 км (зона под надзор) и се однесуваат само на последниот потврден случај.
Претходно воспоставените рестриктивни зони од 3 и 10 километри околу 15 жаришта на болеста во земјава беа укинати на 17 октомври годинава.
Во 2023 година болеста африканска чума кај свињите потврдена е на 16 одгледувалишта. Угинати се 266 свињи, а еутаназирани се вкупно 9.204 единки. Нештетно се отстранети вкупно 9.570 свињи ( угинати и еутаназирани).