Врз основана донесената одлука на Управноот одбор, дебарското здружението на ловци „Стогово-2“ утре и задутре ќе вршат прихранување на мечки, што, како што велат, е прва ваква акција во државава.

-На состанокот на Управен одбор расправајќи за тешката ситуација поради голем и неконтролиран број на мечки, кои претставуваат ризик за населението на Дебар и Центар Жупа, донесовме одлука во сабота и недела, да реализираме акција за прихрана на мечките во областа на Дебар и Центар Жупа. Ваква акција беше планирана за минатиот викенд, но ја одложивме поради невремето што го зафати подрачјето, рече за МИА, Роланд Војника, претседател на здружението.

Додава дека учеството е задолжително за сите членови на здружението од двете општини.

Имаме набавено илјада килограми пченка, истото околку пченица, 200 килограми сол, 22 солени камења, 300 килограми јаболка и 120 дрвени хранилки, за што средства добиле од општина Дебар.

Како што е познато, посочува Војника, голема е присутноста на мечки, што како појава до сега не е регистрирана во ова подрачје, а што оправдано предизвикува голема загриженост кај населението.

-Недостигот на храна за дивите животни, е причина за нивно доближување до населените места. Немаат храна, концесионерите не вршат прихранување и по потрага по храна дивечот се доближува до населените места, и истовремено им ја зголемува и агресивноста, нагласува тој.

Мечките во текот на летните месеци во општина Дебар но и во поширокиот регион, уништија околу 200 пчелни сандаци, но за среќа немаше регистриран случај на напад од мечка врз човек. Исто така предизвикуваа страв кај сопствениците на костенови насади при бербата на костенот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2023 05:01