- Знаеме дека, не може се да се направи одеднаш и преку ноќ, во една специфична политичка ситуација, со која локалната самоуправа се соочува за првпат, во изминатите две години, но се менуваат и подобруваат условите во Општина Битола, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

На брифинг со новинарите, Коњановски потсети дека во Битола се гради и реконструира патната инфраструктура, се уредуваат јавните површини, се реализираат нови проекти кои ќе донесат подобри услови во урбаниот и руралниот дел на општината.

-Во досегашниот период извршивме изградба, реконструкција и рехабилитација на коловоз во урбаниот и руралниот дел во должина над 20 километри, а активностите продолжуваат се додека временските услови го дозволуваат тоа, извршивме реконструкција на постоечката и изведба на нова водоводна мрежа, уредивме 6 детски паркови, реконструирано е едно кошаркарско игралиште во Брусничка населба и ракометно игралиште во ОУ „Коле Канински“. Во овој период реконструирани се два паркинг простори, кај Офицерскиот дом веќе имаме соодветно партерно уредување и осветлување, а се врши и изградба на нов парк во Нова Битола, посочи Коњановски.

За време на јавниот отчет, градоначалникот Коњановски информира дека општината изработила 12 стратешки документи, важни за економски развој на Битола, а паралелно продолжува изработката на новиот генерален урбанистички план.

- Работиме на осовременување на општинските услуги со дигитален систем и многу скоро ќе овозможиме електронско плаќање на данокот на имот и интегриран систем за управување со документи и геоинформациски систем. На иницијатива на локалниот економско социјален совет, настојуваме да придонесеме за заживување на Старата битолска чаршија, преку вмрежување и ставање на „Зимската приказна“, во еден културно – туристички концепт, кој верувам ќе привлече голем број посетители. Продолжуваме со транспарентно и посветено работење за реализацијата на започнатите проекти, а веќе имаме изготвена проектна документација за 52 нови проекти, нагласи Коњановски.

Градоначалникот на Општина Битола наскоро ќе го предложи концептот за буџетот на локалната самоуправа за 2024 година, кој ќе биде во функција на над 85 илјади жители, беше речено на брифингот со новинарите од овој град.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2023 02:22