Поранешниот прославен англиски фудбалски репрезентативец Вејн Руни е сменет од должноста тренер на второлигашот Бирмингем каде се задржа помалку од три месеци, соопшти денеска клубот.

Под негово водство Бирмингем на 15 натпревари претрпе девет порази, а нема победа во последните кола.

Руни седна на клупата на Бирмингем во октомври кога клубот беше шестопласиран во англискиот Чемпионшип, а екипата ја остави на 20 место на табелата, шест бодови над зоната на испаѓање.

„Бирмингем денеска се разделува од тренерот Вејн Руни и првиот помошник Карл Робинсон. И покрај нивните најголеми напори, резултатите не ги исполнија очекувањата кои беа јасни на почетокот. Затоа, Управниот одбор смета дека тренерската смена е во најдобар интерес на фудбалскиот клуб“, се наведува во клупското соопштение.

Руни есеноска потпиша три и полгодишен договор со Бирмингем, откако дојде во клубот од американскиот прволигаш Ди Си Јунајтед.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/01/2024 04:43