Актуелниот лидер во Премиерлигата, Ливерпул, остана без услугите на еден од своите клучни играчи, откако денеска е потврдено дека Трент Александер – Арнолд неколку недели ќе биде надвор од теренот поради повреда.

Англиските медиуми јавија вечерва дека фудбалерот на Ливерпул го повредил лигаментот на коленото на неделниот дуел во ФА Купот против Арсенал.

„Беше на снимање и ќе биде надвор од теренот неколку недели. Добро ќе му дојде малку одмор, а потоа се надеваме дека ќе се врати во формата во која беше. Тој е нашиот клучен играч оваа сезона, константно креираше шанси од длабочина и ѝ даваше флексибилност на екипата“, изјави помошникот тренер на Ливерпул, Пепијн Лијндерс.

Александер – Арнолд ќе ги пропушти полуфиналето на ЕФЛ Купот, како и неколку премиерлигашки натпревари, а неизвесен е неговиот настап и за дуелите против Челзи и Арсенал на почетокот на февруари.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2024 05:32