Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ), која е одговорна за распределба на финансиските награди на учесниците во Суперкупот, ќе добие 40 милиони евра од Саудиска Арабија.
Распределбата на средствата меѓу клубовите ќе зависи од перформансите во претходните изданија, приходите од телевизиските права и гледаноста на преносите.
Според „AS“, годинава Реал Мадрид и Барселона ќе добијат по шест милиони евра за учество во шпанскиот Суперкуп, Атлетико Мадрид - околу три милиони евра, додека Осасуна ќе заработи 800 илјади евра, а ќе добие и по 200 илјади од другите тројца учесници во договор со РФЕФ - со тоа клубот ќе добие вкупно 1,4 милиони евра.
Победникот на турнирот ќе заработи дополнителни два милиони евра награден фонд, а вториот финалист еден милион.
Суперкупот на Шпанија ќе се одржи од денес до 14 јануари во Саудиска Арабија.
Во полуфиналето на турнирот Реал Мадрид ќе игра со Атлетико Мадрид вечер од 20 часот во Ријад, а Барселона ќе игра со Осасуна (утре 20 часот).