Фудбалерот на Лајпциг, Лукас Клостерман, го продолжи договорот за уште четири години, до 2028, соопшти бундеслигашкиот клуб за кој од оваа година настапува и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.
Клостерман е член на Лајпциг од 2014 година кога дојде од редовите на Бохум и досега одигра 278 натпревари, со што е петти играч во клупската историја според бројот на настапи.
„Ова лето ќе одбележам десетгодишнина во клубот. Тука е совршено, клубот, градот, навивачите. Затоа сум многу среќен што ќе продолжам да испишувам историја со Лајпциг“, изјави 27-годишниот дефанзивец.
Клостерман, кој дебитираше за германската репрезентација во 2019 година и досега има 22 настапи во репрезентативниот дрес, има два трофеи со Лајпциг во Купот на Германија, освојувајќи го трофејот во 2022 и 2023 година.