Поради проблеми со озвучувањето во Јамусукро, интонирањето на химните на Сенегал и Гамбија беше прекинато, но во „а кепала“ верзија ги довршија навивачите на стадионот во главниот град на Брегот на Слонова Коска, каде во тек е африканскиот Куп на нации во фудбал.
Силен звук прво го прекина интонирањето на „Црвениот лав“, химната на Сенегал, чии зборови ги напиша првиот претседател на оваа африканска земја и поранешен претседател на француската Академија, Леополд Седар Сенгор. Меѓутоа, сенегалските навивачи на стадионот Конан – Бани ги отпеаја последните зборови.
Неколку моменти подоцна истото се случи и при изведувањето на „Нашата татковина Гамбија“, но и во овој случај крајот на химната ја довршија навивачите од трибините.
Сенегал ја почна одбраната на титулата со убедлива победа од 3-0 над Гамбија.
Купот на африканските нации по правило е познат по слаба организација на натпреварите, далеку од европските стандарди, како и по лошите терени и супстандардните услови на стадионите.