Тренерот на шпанскиот прволигаш Барселона, Чави, изјави денеска дека кога фудбалерите ќе загубат доверба во него „ќе ги спакува куферите и ќе замине“.

Чави се најде под жесток притисок на јавноста по неделниот пораз во финалето на шпанскиот Суперкуп од Реал Мадрид (1-4).

„Немаше да бидам тука доколку минатата сезона не ја освоив шампионската титула. Никогаш нема да правам проблеми за Барса. Кога ќе ми кажат дека сум проблем, ќе заминам“, рече Чави.

Тренерот на Барселона и поранешен фудбалер на каталонскиот клуб неодамна потпиша продолжување на договорот со клубот, кој во моментов е на четвртото место во Ла Лига.

„Мислам дека сме многу поблиску до успех, отколку до неуспех. Кога играчите ќе загубат доверба во мене, ќе ги спакувам куферите и ќе заминам“, порача Чави, кој седна на клупата на Барселона во 2021, а има договор до 2025 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2024 04:39