Италијанската фудбалска легенда и еден од најдобрите светски голгетери на сите времиња Џиџи Рива почина во понеделникот на 79-годишна возраст, објави Фудбалската федерација на Италија.
Весникот Газета дело Спорт наведе дека Рива починал во болница во Каљари во која бил хоспитализиран, откако во неделата доживеал срцев удар во својот дом.
Рива речиси целата своја фудбалска кариера ја мина во дресот на Каљари и беше најдобар стрелец во Серија А кога клубот од Сардинија во 1970 година ја освои единствената шампионска титула во клупската историја.
Со 35 голови на 42 официјални натпревари, Рива е сè уште најдобриот стрелец во историјата на италијанската репрезентација со која ја освои европската титула во 1968 година.
Во своето последно интервју, Рива минатиот јуни за весникот Кориере дела Сера рече „За што најмногу жалам во животот? За моите родители, кои не дочекаа да ме видат славен“.