Лондонскиот премиерлигаш Вест Хем денеска го официјализираше трансферот на англискиот репрезентативец од средниот ред Калвин Филип, кој доаѓа како позајмен фудбалер од редовите на европскиот првак Манчестер сити.
Филипс дојде во Сити во летото 2022 година од Лидс, но не успеа да избори место во првиот тим на Пеп Гвардиола.
Изминатите 18 месеци Филипс одигра само 31 натпревар за Сити, а оваа сезона ниту еднаш не се најде во почетниот состав.
И покрај слабата минутажа во Сити, англискиот селектор Герет Саутгејт продолжи да смета на услугите на Филипс, кој со трансферот во Вест Хем ќе се обиде да избори првотимски статус и со тоа да ги зголеми своите шанси за настап на претстојното Европско првенство во Германија.
Филипс ќе остане во редовите на Вест Хем до крајот на сезоната, а клубот од Лондон ќе има можност во јуни да го откупи неговиот договор со Манчестер сити.