Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Каземиро, демантираше дека ќе ја продолжи кариерата во саудиски Ал Наср и порача оти е среќен во екипата од „Олд Трафорд“, пренесуваат денеска англиските медиуми.
Каземиро (31) дојде на „Олд Трафорд“ во 2022 година од мадридски Реал, а дел од светските медиуми деновиве објавија дека бразилскиот фудбалер би можел да потпише за Ал Наср, во чии редови настапува поранешниот член на Манчестер јунсјтед, Кристијано Роналдо.
„Среќен сум во Манчестер. Тука сè е неверојатно. Од првиот ден тука наидов на срдечно добредојде од клубот, играчите и навивачите. Среќен сум со тоа што овој град и клуб ми го нудат. Задоволен сум што му помагам на клубот да се врати на патеките на успехот. Тука сум среќен“, изјави Каземиро за англиските медиуми.
Каземиро сезонава досега одигра 12 натпревари за Јунајтед и постигна четири голови.