Мојата намера е да ја посетам Анкара во мај, што ќе биде возвратна посета на претседателот Ердоган, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за грчко-турските односи, Мицотакис посочи дека инсистира на потребата да се градат односите врз основа на постигнатиот значителен напредок, што, како што истакна, се рефлектира на многу различни нивоа.
- Не само во активностите сведени на нула на турските воздухопловни сили во Егејското море во последните месеци, туку се рефлектира и во договорот што го постигнавме за можноста турските граѓани да патуваат на нашите острови без да мора да им даваме виза. Нешто што беше поздравено од десетте острови во Егејското Море како многу важен економски стимул за туристичката активност. Се рефлектира и во соработката што ја имаме во бегалското прашање, објасни Мицотакис.
Потсети дека за три дена во Истанбул ќе се одржи средба на високо ниво на бизнисмени од двете земји.
Истакна дека зачувувањето на добрата клима само по себе има вредност, но е и предуслов за да можат подетално да разговараат на ниво на политички дијалог.
На почетокот на декември, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше во посета на Атина и се одржа Високиот совет за соработка меѓу двете земји.