Претставници на коалицијата Србија против насилството добија покана да присуствуваат на седницата на Европскиот парламент (ЕП) на 8 февруари, кога на дневен ред е усвојување на резолуција за неодамнешните избори во Србија, објави весникот „Данас“.
Европратеничка од политичката група на Зелените и известувачка на Европскиот парламент за Косово, Виола Фон Крамон ги кани претставниците на коалицијата на седница насловена „Србија – демократија на крстопат“ пратениците треба да усвојат резолуција за нерегуларностите на декемвриските избори во Србија.
- Дискусијата на панелот ќе биде можност да се отвори дијалог за моменталната состојба на демократијата во Србија и да се разгледаат предизвиците по 17 декември. Би сакала да ја истакнам важноста на напорите што ЕП ги презема за зачувување на демократијата во Србија, истакнува Фон Крамон во поканата.
„Данас“ истакнува дека коалицијата Србија против насилството на утрешната средба ќе определи кој ќе ја претставува на седницата на ЕП на 8 февруари.
На гласањето за резолуцијата му претходеа дебати на европратениците за Србија на пленарната седница и на Комисијата за надворешна политика (АФЕТ). На пленарната седница на 17 јануари пратениците упатија остри критики, наведувајќи дека изборите поминале со сериозни нерегуларности.