Првиот вицепремиер на Косово, задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими ја повика Европската унија да биде движечка сила за Западен Балкан, барајќи европските земји да бидат обединети како во случајот со Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.
По вчерашната одлука на ЕУ да додели пакет со помош од 50 милијарди евра за Украина, Бислими порача дека „обезбедувањето финансии за Планот за раст на Западен Балкан е голем чекор кон интеграцијата“ на регионот во ЕУ.
- Денешната (четврток, 1 февруари) одлука на Советот на ЕУ ја покажува важноста на единството и заедништвото. Истите морални принципи кои треба да бидат движечка сила и за Западен Балкан. Во таа смисла, обезбедувањето финансии за Планот за раст на Западен Балкан е голем чекор кон интеграцијата во Европската Унија, порача синоќа Бислими преку својата страница на Фејсбук.
ЕУ вчера соопшти дека договорот за распределба на пакетот за Украина „запечатува стабилно, долгорочно и предвидливо финансирање за Украина“.
Од мај минатата година Косово е санкционирано од Европската унија со одредени „привремени мерки“, односно санкции кои, според официјален Брисел, се воведени поради непочитување на барањата за итни чекори на Владата на Косово за намалување на тензиите на северот на земјата, населен со мнозинско српско население.