Грчката поддршка за европската иднина на земјите од регионот, уште еднаш ја истакна и повтори министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во изјава за државната новинска агенција АНА-МПА пред почетокот на министерскиот состанок во Рим посветен на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија потсети дека патот на земјите од Западен Балкан кон европското семејство „започна од Солун во 2003 година и продолжува“.

-Грција е една од земјите кои го забрзуваат овој процес, за да може Западен Балкан да има подобра ориентација, со почитување на законодавството на заедницата, со почитување на демократските принципи и владеењето на правото. Грција секогаш ќе го поддржува Западен Балкан на патот кон европската интеграција, особено во период на повеќекратни предизвици, порача Герапетритис.

Во Рим денеска се одржува средба на министрите за надворешни работи на земјите од регионот и министрите за надворешни работи на земјите од Групата „Пријатели на Западен Балкан“, на покана на министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, а учествува и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи кој ќе се обрати на работната сесија на тема „Заедничка работа за забрзување на евро-интегративниот процес за Западен Балкан“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2024 04:33