Три лица биле повредени и причинета е штета во инцидентите што доцна синоќа се случиле во бегалски камп во близина на грчкиот град Серес, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, инцидентите се случиле од засега непознати причини меѓу две групи мигранти, Ирачани од една и Сиријци и Палестинци од друга страна.
Веднаш била информирана полицијата која интервенирала, а повредените со возило на брза помош биле пренесени во болница каде што им била укажана прва помош и биле пуштени.
Во инцидентите била причинета материјална штета на контејнерите во прифатниот центар, а непознати лица фрлале камења кон возилото на брзата помош, при што го оштетиле стаклото.