Премиерите на Грција и Полска Кирјакос Мицотакис и Доналд Туск во име на партиите што ги водат Нова демократија и Граѓанска платформа испратиле писмо до претседателот на Европската народна партија во кое ја предлагаат Урсула фон дер Лајен за главен кандидат на ЕПП за позицијата претседателка на ЕК, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер преку Х истакна дека со Туск ја предлагаат Фон дер Лајен бидејќи е „цврсто посветена на промоцијата на нашите заеднички вредности и заштитата на единството и солидарноста на Европа“, но и дека ја има нивната доверба.
Во писмото испратено до претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер, лидерите на грчката и полската партија предлагаат досегашната претседателка на ЕК да биде кандидатка на ЕПП за нов мандат.
Мицотакис и Туск пишуваат дека нивните две партии го препознаваат лидерството на Фон дер Лајен, како и длабокото чувство на посветеност и решителност за време на нејзиниот сегашен мандат.
-Граѓанската платформа и Нова демократија се уверени дека Европската комисија повторно ќе биде во цврсти и способни раце за следниот институционален циклус со Урсула фон дер Лајен на чело, истакнуваат Туск и Мицотакис во писмото.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера ја најави својата кандидатура за втор петгодишен мандат на чело на извршното тело на ЕУ.