Си заминуваме од Атина, но нашите активности не завршуваат тука, испративме јасна порака до Владата, велат за МИА дел од грчките земјоделци кои со над 150 трактори вчера пристигнаа во грчкта метропола, во текот на ноќта останаа пред Парламентот, а си заминаа денеска.

Тракторите претпладнево, исто како и што дојдоа во Атина, така и си заминаа, организирано, со свирење низ улиците во центарот на градот, со поздравување на граѓаните што во тие моменти беа присутни, но и со полициска придружба.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина коментираат дека заминуваат со надеж дека вчерашниот масовен протест за нив ќе донесе резултати и позитивен одговор од Владата и не го кријат задоволството од поддршката што ја добија од граѓаните.

-Навистина е прекрасно чувството што сите нè поддржаа, сите нè поздравуваа додека патувавме кон Атина, знаеме дека граѓаните се со нас. Веруваме дека Владата ќе ја прими пораката, истакнува еден од земјоделците.

Објаснуваат дека нивните барања остануваат непроменети односно од Владата бараат намалување на трошоците за производство, пред сè со намалување на цената на струјата, но и ослободување од данок за земјоделската нафта.

Претседателот на Федерацијата на земјоделски здруженија од Лариса Ризос Маврудас кој беше дел од 15-члениот Комитет на земјоделците на минатонеделниот состанокот со грчкиот премиер, во разговор со дописничката на МИА од Атина посочи дека по синоќешниот масовен собир „порано или подоцна, Владата ќе мора да ги исполни нашите барања“.

-Се враќаме кај нашите блокови, ќе одржиме состаноци, ќе ги информираме нашите колеги за масовниот протест со кој сметаме дека испративме јасна порака до Владата и очкуваме мерки за поддршка и исполнување на нашите барања. Ние ќе продолжиме да се бориме на сите начини и во сите облици, порача Маврудас.

Поголемиот дел од земјоделците, оние кои пристигнаа со автобуси и автомобили, од Атина си заминаа синоќа, веднаш по протестот, додека пак тракторите останаа паркирани во текот на ноќта.

Вчерашниот протест во Атина заврши мирно и масовно, земјоделците добија поддршка од синдикатите, од разни здруженија, како и од студентите, а според процените на полицијата учествуваа околу 10.000 демонстранти.

По протестот, над 150 трактори со транспаренти со слоганите „Без земјоделци, нема храна“, „Денеска е погребот на сточарството“; „Земјоделци, борете се, ви ја пијат крвта“, но и црни и грчки знамиња, останаа 20 часа паркирани пред грчкиот Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2024 17:06