Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека народот на Косово стои на страната на Украина во борбата против руската агресија, бидејќи знае „колку е висока цената на слободата“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На втората годишнина од руската окупација на Украина, во објава на платформата „Х“ (поранешен „Твитер“) Османи напиша дека „слободата повторно ќе надвладее“, како што тоа се случи по војната во Косово во 1998-99 година.
-Ние стоиме со Украина бидејќи знаеме како е да се плати највисоката цена за слободата. Ја знаеме болката од губењето невини деца, од сексуалното насилство за време на војната, масовните гробници со коските на нашите најблиски. Но, слободата победи и повторно ќе надвладее!, напиша Османи, завршувајќи ја пораката со поздравот „Слава Украина!“ на украински јазик.
Косово е меѓу земјите кои воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, додека Украина сè уште не ја признава независноста на Косово.