Изјавата на хрватскиот шеф на дипломатија Гордан Грлиќ Радман дека „Вучиќ може да биде трабант и сателит на Русија, но нема да се дозволи влијание на Русите или други малигни влијанија кои би ја нарушиле стабилноста на Западен Балкан“ предизвика реакција кај државниот врв на Србија, по што министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска остро ја осуди „срамната изјава“ на Грлиќ Радман и најави протестна нота од Министерството за надворешни работи на Србија до Хрватска, јави дописникот на МИА од Белград.

- Во Хрватска со години систематски се создава атмосфера на омраза кон Србија и српскиот народ. Само еден таков пример е изјавата на хрватскиот министер за надворешни работи Грлиќ Радман, со која се напаѓа Србија и претседателот Александар Вучиќ. Никој нема право, а најмалку Хрватска, да дели лекции и брутално да се меша во внатрешните работи на Србија. Србија е земја која води суверена и независна надворешна политика, што е само во интерес на нејзините граѓани и на народот, изјави Дачиќ во соопштението на МНР.

Нагласувајќи дека „Србија и Вучиќ не се ничии пиони“, Дачиќ соопшти дека „хрватскиот министер не ги научил лекциите од историјата, па заборава, или би сакал да се заборави, дека Хрватска била најверниот пион на Австро-Унгарија и нацистичка Германија, со Независната држава Хрватска (НДХ), која се бореше дути и по самоубиството на Хитлер, до 15 мај, шест дена по капитулацијата на Германија“.

- Тие беа како трабанти, поголеми нацисти од нацистите. Ние сме слуги само на Србија и на нашите граѓани, напиша Дачиќ.

На изјавата реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ кој синоќа истакна дека „хрватскиот министер за надворешни работи не само што се меша во внатрешните работи на Србија, туку и го навредува српскиот народ и им се заканува на граѓаните на Србија“.

- Хрватскиот министер не само што брутално се меша во внатрешните работи на Србија, туку како и обично го лаже и навредува српскиот народ и им се заканува на граѓаните на Србија. За едно е во право Грлиќ-Радман, можеби сум нечиј трабант, можеби и вартбург, можеби дури и фиќо, но никогаш не сум бил ничиј потрчко и слуга, што не може да се каже за Грлиќ-Радман. Да не одам премногу далеку во минатото, ќе биде премногу болно, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот на будуќностсрбијеав.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2024 22:18