Основниот суд во Приштина донесе денеска ослободителна пресуда за актуелниот претседател на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, обвинет за фрлање солзавец во собраниската сала за време на пленарна седница во 2016 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пресудата денеска ја соопшти судијката Едита Чанта, без присуство на Коњуфца на рочиштето.
Во обвинението е наведено дека во Собранието на Косово на 10 август 2016 година, како пратеник на Движењето самоопределување (ВВ), тогаш како опозициска партија, Коњуфца фрлил солзавец во салата, поради што пратениците биле оневозможени да останат во неа, јавува невладинатата организација која го следи косовското правосудство, „Заклетва за правда“.
Според судијката Чанта, не е докажано дека Коњуфца сторил кривично дело „Употреба на оружје или опасно средство“, бидејќи ниту еден од сведоците не го инкриминирал.
Обвинителот Бесарт Мустафа, во завршното обраќање на рочиштето одржана на 23 овој месец година, побара Коњуфца да биде казнет за кривичното дело за кое се товари, додека бранителката на Коњуфца, адвокатката Арбнора Зеќири побара тој да биде ослободен од обвиненијата.
Основното обвинителство во Приштина на 03.02.2017 година поднесе обвинителен акт против Коњуфца, со кој го товари за две кривични дела. Тогашниот опозициски пратеник беше обвинет дека „на 10.08.2016 година, за време на седница во салата на Собранието на Република Косово..., истиот во својство на пратеник, кршејќи го законот, употребил оружје, на тој начин што на седницата фрли солзавец во салата“.
Со ова, Коњуфца беше обвинет дека сторил кривично дело „Употреба на опасно орудие или орудие“ од член 375 ст.1 од Кривичниот законик, што е казниво со затвор од една до осум години. Обвинението за пошречување службено лице во вршење на службената должност беше отфрлено од судот.
Актуелниот спикер на косовскиот парламент во текот на целото судење се бранеше со молчење