Во Тирана денеска се одржува првиот самит Украина - Југоисточна Европа, на кој ќе учествува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. На самитот на кој треба да се усвои Декларација, Србија бара измени на завршната декларација кои се однесуваат на улогата на Русија, јави дописникот на МИА од Белград.

На самитот домаќин е премиерот на Албанија Еди Рама, на чија покана на самитот присуствува и претседателот на Украина Володимир Зеленски. Се очекува да се разговара за војната во Украина и нејзините последици.

На крајот на средбата треба биде усвоена Декларацијата за самитот Украина - Југоисточна Европа, чиј текст, како што соопшти Танјуг, се уште не е договорен.

Србија, дознава Танјуг, бара од декларацијата да се отстрани барањето за воведување санкции против Руската Федерација, да се отстрани делот дека Руската Федерација има „малигно влијание“ врз земјите од регионот, во текстот да не стои „земји“, туку „Западнобалканска шесторка“- затоа што, како што беше соопштено, Србија не сака да го нарече Косово држава.

На самитот се очекува да присуствува претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, претседателката на Молдавија Маја Санду, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, како и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2024 21:40