Словенија ја дели загриженоста на некои политичари и експерти дека Русија би можела да започне војна против земјите од НАТО доколку помошта за Украина не е доволна, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
„Ја споделувам загриженоста на земјите дека руската агресија во Украина може да се прошири и во соседните земји. Затоа правиме се што е можно за да обезбедиме мир“, рече таа во интервју за Укринформ.
Фајон рече дека учествувала на седниците на Генералното собрание и на Советот за безбедност на ОН за да покаже поддршка за Украина.
„Пред две години бевме шокирани дека соседна земја може да ја нападне Украина, да прибегне кон таква брутална агресија“, рече Фајон и додаде „мора да ги вложиме сите напори за да најдеме политичко решение за војната“.
Таа нагласи дека Словенија ја поддржува украинската мировна формула и сите мировни иницијативи кои се во согласност со меѓународното право и со Повелбата на ОН. „Исто така, верувам дека ни треба поширока меѓународна поддршка, особено од Глобалниот југ“, додаде Фајон.
На 23 февруари, Советот за безбедност на ОН одржа отворена дебата на министерско ниво, посветена на втората годишнина од војната на Русија против Украина