Српската премиерка Ана Брнабиќ за извештајот на ОДИХР на прес конференција, кажа дека тој конечно става крај на сите лаги и глупости и приказни за кражба на избори кои се појавија во јавноста по изборите во Србија на 17 декември минатата година, јави дописникот на МИА од Белград.
-Владата ќе продолжи да работи со ОДИХР и ОБСЕ со спроведување на препораките, извештајот е неспоредливо пообјективен од некои други набљудувачки мисии, не постојат докази или критики за она што некои го нарекоа изборна кражба, кажа Брнабиќ.
Како што додаде, во извештајот на ОДИХР сега има 25 препораки, што е помалку од изборите во 2022 година, што значи дека сме работеле и дека ситуацијата е многу подобра, дека е јасно дека во Србија имало фер, чесни и транспарентни избори.
-Во извештајот на ОДИХР има седум приоритетни препораки, но ниту еден збор не спомнува меѓународната истрага или било што поврзано со неа, заклучи Брнабиќ.
Таа наведе дека вкупниот број на претежно спроведени препораки е осум, а вкупниот број на делумно спроведени препораки е 33.
-Продолжуваме да работиме со ОДИХР и продолжуваме со имплементација на сите препораки на одборот во согласност со практиката што ја воведовме во Република Србија во 2019 година, од кога постои владина работна група за соработка со ОДИХР. Го цениме одборот. Дали се согласуваме со сè во овој извештај? Сигурно не. Но, продолжуваме да работиме на имплементација на препораките, рече Брнабиќ.
Таа порача дека кој и да ја предводи идната српска влада треба да соработува со ОДИХР, со оглед на тоа што Србија се обврза дека е посветена на понатамошна работа со ОДИХР.
-Го испративме тоа писмо и отидовме чекор подалеку и ја поканивме набљудувачката мисија на ОДИХР, да дојде и да ги набљудува локалните избори што треба да се одржат во Република Србија подоцна оваа година, изјави српската премиерка.
Во врска со т.н. „босански автобус“ Брнабиќ кажа дека во „извештајот на ОДИХР се наведува дека во текот на денот на изборите се ширеле тврдења за гласачи од странство, и во извештајот нема докази дека овие тврдења се точни, како и во Резолуцијата на ЕП, бидејќи не се точни“.
-Владата на Србија најостро ги осудува сите оние кои ги злоупотребиле јавните ресурси и ги злоупотребувале медиумите и, благодарение на постоењето на различни геополитички интереси, го искористиле сето тоа во последните месеци за да ја нападнат сопствената земја, затоа што тоа се случи, оцени таа.
Според премиерката, кога ќе се прочита извештајот и ќе се видат препораките, може да се види дека нема докази, нема критика за она што некои го нарекоа изборна кражба.
-Кога ќе ги погледнете препораките, јасно е дека во Србија имаше фер, чесни и транспарентни избори. Оттука, покажува дека изборите биле транспарентни, фер и во согласност со демократските норми, нагласи премиерката.