Сите членови на подгоричкиот Одбор на Движењето Европа сега (ПЕС) поднесоа оставки од сите функции во партијата и ќе продолжат со својата работа согласно Програмата презентирана пред граѓаните, соопшти денеска одборот.
„Движењето Европа сега се претстави на црногорската политичка сцена на локалните избори во Подгорица во октомври 2022 година. Со огромна посветеност на сите членови на Одборот од Подгорица, пратеничката листа предводена од Јаков Милатовиќ ја доби целосната доверба од граѓаните да ја реализираме визијата за подобро управување со нашиот главен град со освоени речиси 22.000 гласови Нашиот одличен изборен резултат, заедно со соработката со другите власти, овозможи смена на Демократската партија на социјалистите (ДПС), по три децении лошо управување со Подгорица“, се наведува во соопштението.
Нивната посветеност и придонес, како што наведуваат, не биле ценети од раководството на ПЕС.
„Нашиот предлог за листата на кандидати за парламентарните избори беше игнориран. Финалето е неодамнешната одлука на раководството за распуштање на подгоричкиот одбор, без никакво известување, дискусија или консултација. На овој начин сме оневозможени да влијаеме на одлучувањето преку органите на движењето, особено за секојдневните отстапувања од принципите и целите околу кои се собравме, поради што поднесуваме оставки од сите позиции во Движењето Европа сега“, се вели во соопштението.
Тие додаваат дека нивните активности ќе бидат согласно Програмата што ја презентираа пред граѓаните и за чија реализација, како што велат, силно ќе се залагаат.
„Ќе бидеме фокусирани на натамошно зајакнување на соработката со нашите коалициски партнери и сега веќе поранешни колеги од ПЕС, со цел да ја зајакнеме постоечката извршна власт во главниот град и да придонесеме за подобра реализација на дадените изборни ветувања. Ќе спречиме натамошен колапс на наследениот систем, оградувајќи се од лошите практики на ДПС“, нагласија тие.