Европскиот парламент усвои резолуција за спроведување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европска Унија во 2023 година, во која изразува загриженост поради одбивањето на Србија да се приклучи на санкциите кон Русија и дестабилизациското влијание на српските власти врз регионот.
Жалење беше изразено и поради тоа што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на изборите во декември „систематски ги злоупотребуваше институциите и медиумите“, поради што изборите не беа во согласност со меѓународните стандарди и не беа одржани под фер услови.
Во документот, кој го состави Комитетот за надворешна политика на ЕП (АФЕТ), се наведува дека повеќето земји од Западен Балкан се усогласиле со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Во резолуцијата се потсетува дека напредокот на патот кон ЕУ е „возможен само доколку предметната земја ги почитува санкциите на ЕУ против Русија и постигне значителен напредок во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ“.
Се додава дека „останува голема загриженост поради дестабилизациското влијание што српските власти го имаат врз целиот регион“.
ЕП, исто така, изрази загриженост за нерегуларностите и процедуралните недостатоци на декемвриските избори во Србија, кои беа пријавени од набљудувачките мисии на ЕУ (И-ЕОМ) и ОДИХР и тие ги повикуваат надлежните органи да спроведат темелна истрага во согласност со препораките на И-ЕОМ, и српското раководство се охрабрува да овозможи конструктивен, инклузивен дијалог на целиот политички спектар за неопходните реформи.
ЕП „али поради фактот што парламентарните и локалните избори во Србија на 17 декември, благодарение на систематската злоупотреба на институциите и медиумите од страна на претседателот (Александар Вучиќ) со цел да се стекне со неправедна и несоодветна предност, отстапија од меѓународните стандарди и ветувањето на Србија дека ќе одржи слободни и фер избори, се истакнува во резолуцијата.
Пратениците наведуваат дека не може да се смета дека изборите се одржале во фер услови и оти се зачудени од извештаите за широки изборни нерегуларности.
Во резолуцијата европратениците изразуваат и сериозна загриженост поради изјавата на претседателот на Србија, во која тој поддржа можна воена интервенција на Кина против Тајван, спротивно на политиката на ЕУ, која се залага за статус кво во Тајванскиот Теснец и се противи на какви било еднострани потези, особено воени.