Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, изјави дека Косово не треба да биде „колективен заложник на едно популистичкото политичко лудило“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на Фејсбук по вчерашната средба со раководните структури на пет партиски ограноци, Абдиџику порача дека на Косово му треба развој, разумност и евроатлантски курс, кои ги содржи програмата на неговата партија, „Новиот пат“.
- Оваа земја не треба да биде колективен заложник на популистичкото политичко лудило кое поттикнува само страв, мрак и тензии. Ни треба развој. Ни треба разумност. Ни треба евроатлантски курс. На Косово му треба „Новиот пат“ - најамбициозната политичка програма во земјата. Во критични политички моменти нашиот политички активизам станува неопходност. Во критични политички моменти, поддршката за ЛДК е неминовност, порача Абдиџику.
Според опозицискиот лидер, растот на ЛДК и нејзините успешни дела ги ставија наспроти неа политичките противници, што може да се види од нивната мобилизација во општинската власт во главниот град.
- Се разбира, нашето единство, нашиот раст, позитивните дела што ги правиме, ги поставуваат нашите противници наспроти нас. Таму сите се обединуваат против нас; како сега, така и секогаш. Таму се обидуваат довербата на гласачите во главниот град за ЛДК, да ја грабнат на маса. Она што не им е јасно е дека времето на таквата политика заврши! Нема да дозволиме да ја направат таа политика модел во Приштина, напиша Абдиџику.