Претседателот на Народното движење на Србија и носител на изборната листа „Србија против насилството“ (СПН), Мирослав Алексиќ изјави дека претставниците на СПН на средбите во Брисел „добиле индикации“ дека постои „голем интерес“ за формирање на комисија која би спровела истрага за декемвриските избори во Србија. Истовренмено Борко Стефановиќ, заменик претседател на Партијата за слобода и правда (СПП) од Париз порача дека „меѓународната истрага е започната, таа е во тек, се спроведува на повеќе начини, и преку ОБСЕ и преку Советот на Европа“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Важно е денес на сите да им биде јасно што се случи во Србија: во Европската унија сите знаат дека изборите се украдени и дека воопшто нема услови за одржување на избори, изјави Алексиќ за телевизија „Нова“, соопштија од СПН.

Тој оцени дека конечниот извештај на ОДИХР за декемвриските избори во Србија е потврда на резолуцијата на Европскиот парламент и наводите на домашната невладина организација Црта и Србија против насилство за „изборна кражба“.

-Набљудувачите на ОДИХР не доаѓаат овде туристички за да ја видат Србија, туку со некаква намера и кога ќе дадат некаков извештај и препораки, државата треба тоа да го спроведе. Државата не го прави тоа затоа што не им одговара граѓаните по своја волја да бираат кој ќе управува со државата, туку под притисок, кражби, купување гласови и сите други работи што се случуваат како миграција на гласачите, изјави Алексиќ.

Борко Стефановиќ од СПН кој е во посета на Франција изјави дека разговорите меѓу претставниците на коалицијата „Србија против насилството“ и француските претставници во Париз биле „многу значајни, добри и позитивни“.

-И покрај овој смешен, неуспешен, но опасен обид за спинување на власта за извештајот на ОДИХР, пред се на премиерката и самиот претседател, истрагата за последиците од тоа што се случи на изборите на 17 декември во Србија е започната, таа е во тек, се спроведено на повеќе начини, и преку ОБСЕ и преку Советот на Европа, посочи тој.

Како што рече, на средбата во Франција е утврдена неопходноста Владата во Србија да ги исполни сите препораки на ОБСЕ, кои требаше да бидат исполнети пред година и пол.

-Во таа смисла, не постои можност Србија во ниту еден момент да има демократски и слободни избори во согласност со европските стандарди, што значи и затоа е важно ова да се исполни пред следните избори, рече Стефановиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2024 00:09